Talha Yavuz
26 Ноември 2021•Ажурирај: 27 Ноември 2021
КИЕВ
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, одржа одвоени телефонски разговори со германската канцеларка Ангела Меркел и шефот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, на кои се дискутираше за безбедносната ситуација на границата со Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Меркел и Зеленски се согласија за соработка на меѓународната заедница, како и за одржувањето на санкциите за ограничување на заканите од Русија, според соопштението од Претседателството на Украина.
„Двете страни ја истакнаа важноста на продолжувањето на напорите според форматот Нормандија“, додадоа тие.
Денес, Меркел ја предупреди Русија за распоредувањето на воените сили во близина на границата со Украина.
На прес-конференцијата со полскиот премиер Матеуш Моравјецки, канцеларката во заминување рече дека земјите членки на Европската Унија се обединети и дека ќе направат сѐ за да спречат нови провокации.
Во разговорот со Зеленски, Мишел информира за разговорот со рускиот претседател Владимир Путин во средата.
Мишел рече дека воспоставувањето контакт помеѓу страните со учество на ЕУ ќе помогне во ублажувањето на кризата.
Тој на Твитер напиша дека на Зеленски му ја искажува целосната поддршка од ЕУ за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. „Европската безбедност е можна само со безбедна Украина“, додаде тој.
Неколку медиуми соопштија дека американската администрација официјално ги предупредила своите европски сојузници дека Русија би можела да планира друга инвазија во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера ги отфрли сите такви наводи.
„Ние постојано кажуваме дека Русија нема никого да нападне, нема никакви агресивни планови“, им соопшти тој на новинарите на брифингот во Москва.
Од март 2014 година, Украина е зафатена од конфликтот во нејзините источни региони кои граничат со Русија, по нелегитимната анексија на Крим од страна на Русија.
Западните држави ја обвинуваат Русија за дестабилизирање на регионот преку обезбедување воена поддршка на сепаратистите.