Emre Gürkan Abay
06 Декември 2018•Ажурирај: 07 Декември 2018
МОСКВА (АА) – Александар Новак, рускиот министер за енергетика, изјави дека преговорите помеѓу Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и земји што не се членки на ОПЕК, се водат во согласност со условите на пазарот, и притоа нагласи: „Преговорите не можат да се насочуваат со политички изјави на Твитер“, јавува Anadolu Agency (AA).
Новак, за новинарите во Санкт Петербург ги оцени тековните преговори за намалување на производството што се водат во Виена помеѓу ОПЕК и некои земји што не се членки на ОПЕК.
Тој нагласи дека поради геолошките и климатските причини во споредба со другите земји, на Русија ѝ е потешко да го намали производството.
„Зимата за нас е секогаш посебен период. Ова го имаме кажано и претходно, намалувањето на производството на нафта во овој период за нас е потешко во споредба со другите земји“, рече Новак.
Тој, исто така ја коментираше изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој пред состанокот во Виена преку Твитер порача „Следната година да се намали производството на нафта.“
„Преговорите помеѓу Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и земји што не се членки на ОПЕК, се водат во согласност со условите на пазарот. Преговорите не можат да се насочуваат со политички изјави на Твитер“, истакна Новак.
На состанокот на ОПЕК, кој започна денес во Виена, ќе се разговара за иднината на договорот за намалување на производството. На состанокот се очекува да се донесе одлука за намалување на производството на нафта за 1 - 1,5 милион барели дневно.
Пред состанокот, во некои медиуми беше објавено дека Русија не сака да го намали приозводството на нафта според стапките што ги бара ОПЕК.