МОСКВА
- Али ЏУРА
Додека Русија се обидуваше да биде активна во регионалните прашања низ светот во 2020 година, сепак, таа главно беше преокупирана со борбата против новиот вид коронавирус (Ковид-19) и случувањата во внатрешната политика на земјата.
Откако режимот на Асад во Сирија нападна цивили во февруари, во обид да ја преземе контролата врз Идлиб, прекршувајќи ги договорите постигнати во Сочи и Астана, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Москва се состана со рускиот претседател Владимир Путин.
На одржаните средби на 5 март во палатата Кремљ, Турција и Русија се согласија за прекин на огнот во Идлиб.
Во согласност со протоколот договорен меѓу двете земји, запрени се сите воени активности по должината на линијата на контакт во зоната на деескалација во Идлиб, почнувајќи од 6 март 2020 година.
Воспоставен е и безбеден коридор 6 километри северно од автопатот М4, во длабочина од 6 километри.
Турски и руски војници започнаа заеднички патроли на автопатот.
- Регистрирана првата вакцина за Ковид-19 во светот
Пандемијата на Ковид-19 која го зафати целиот свет, во март започна да го зголемува своето влијание во Русија.
Во земјата каде што првиот смртен случај предизвикан од коронавирусот е забележан на 19 март, од почетокот на пандемијата досега се регистрирани речиси 3 милиони лица позитивни на Ковид-19, а бројот на смртни случаи надмина 53,6 илјади.
За време на пандемијата, Русија разви 5 кандидати за вакцини против Ковид-19.
Еден од кандидатите за вакцина, именуван како „Спутник V“, изработен од Националниот институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, од рускиот претседател Путин беше претставен како „прва регистрирана вакцина против Ковид-19 во светот“.
Вакцината, чии клинички испитувања сѐ уште ја немаат завршено третата фаза, започна да се администрира на целата популација кон крајот на годината.
- На Путин му е отворен претседателскиот пат до 2036 година
Се одржа референдум на кој беше прифатен уставен амандман со кој на 68-годишниот Путин му се овозможува да ја извршува претседателската функција до 2036 година.
Во рамките на прифатениот уставен амандман, изразот „службениот јазик на државата е јазикот на рускиот народ кој е основачки елемент на Русија“, предизвика дискусии меѓу другите нации во рамките на федерацијата, со образложение дека „не се земаат предвид“ народите од другите нации во воспоставувањето на земјата.
Уставниот референдум, за кој се дебатира од аспект на содржината, беше предмет на критика и од опозициските сегменти поради фотографиите на социјалните медиуми на кои беа претставени гласачки кутии поставени на улиците и во парковите.
- Тврдење дека „рускиот опозиционер е отруен“
Тврдењето дека рускиот опозиционер Алексеј Навални е „затруен од државата“ беше главна тема во земјата, а во надворешната политика се одрази со воведување санкции против Русија.
На Навални му се слошило за време на летот на релацијата Томск - Москва на 20 август, а авионот слетал во градот Омск и тој бил префрлен во една болница.
Првенствено се тврдеше дека Навални е отруен од супстанција измешана во неговиот чај.
Четириесет и четиригодишниот Навални два дена подоцна со приватен авион бил префрлен во болницата „Шарита“ во Берлин.
Германија објави дека е констатирано дека Навални е дефинитивно отруен со хемикалија што ѝ припаѓа на групата „Новичок“.
Тимот на Навални излезе со тврдење дека е пронајден отров во шишето со вода во хотелската соба каде што престојувал рускиот опозиционер во Томск.
Иако Русија побара извештаи и докази од Германија, нејзиното барање остана неодговорено.
Алексеј Навални, откако беше излекуван, ја напушти болницата во која се лекуваше во Берлин.
Навални предизвика големи полемики во земјата објавувајќи видео во кое тврди дека „руските разузнавачи го отруле со „Новичок“, кој му бил ставен во долната облека“.
Европската Унија (ЕУ) ги прошири санкциите кон Русија врз основа на обвинувањата дека Навални е отруен, а Русија одговори со санкции од своја страна.
- Руски платени војници во Либија во извештаите на ОН
Иако Русија негира дека има свои војници во Либија, се знае дека вооружените сили на руската компанија за безбедност „Вагнер“, сопственост на бизнисменот Јевгениј Пригожин, познат под прекарот „Шеф“, бидејќи е задолжен за храната во палатата Кремљ, учествуваа во конфликтите во Либија, што во извештаите на Обединетите нации (ОН) е претставено како поддршка на Калифа Хафтар.
Според извештаите подготвени од експерти на ОН, утврдено е дека меѓу 800 и 1.200 руски платеници поврзани со компанијата „Вагнер“ активно дејствуваат на фронтот во Либија од 2018 година.
- Русија на маса ја седна Ерменија која загуби во Нагорно Карабах
Откако азербејџанската Армија, по провокациите од страна на Ерменија, на 27 септември со сопствени ресурси ја започна операцијата за спасување на териториите во Нагорно Карабах кои беа под окупација речиси 30 години, Русија презеде иницијатива за воспоставување на прекин на огнот.
Двете страни на 10 октомври постигнаа договор за прекин на огнот по 10-часовна средба меѓу министрите за надворешни работи на Азербејџан и Ерменија, која Русија ја организира во Москва.
Иако поради кршењето на примирјето од страна на Ерменија на 18 и 26 октомври повторно беше прогласен прекин на огнот, Ерменија не ги почитуваше овие одлуки.
По 44-дневни судири азербејџанската Армија постигна успех на теренот, а ерменската Армија беше сериозно поразена.
По интервенцијата на Русија, Ерменија потпиша договор со Азербејџан и беше принудена да ги напушти окупираните територии.
Русија привремено испрати речиси 2.000 војници во Нагорно Карабах за да го набљудуваат спроведувањето на примирјето.
Турција и Русија се согласија во областа да формираат заеднички центар за контрола на прекин на огнот во Нагорно Карабах.