Murat Temizer,Firdevs Yüksel
12 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Мурат Темизер / Фирдевс Јуксел
„Русија е подготвена за конкуренцијата во однос на другите снабдувачи на гас во Турција и на алтернативните извори на течен природен гас од регионот“, изјави за Anadolu Agency (AA) Константин Симонов, директорoт на рускиот Национален фонд за енергетска безбедност.
„Има пад во уделот на Русија во увозот на гас во Турција со намалување од 63 отсто во 2007 година на 52 отсто во 2017 година“, истакна Симонов за АА, но исто така нагласи дека гасот игра сè поголема улога во турската економија.
Симонов ја потврди сериозната конкуренција со која се соочува Русија на турскиот пазар, со многуте опции за алтернативните извори од Иран и Азербејџан, како и течниот природен гас.
„Забележуваме пад на уделот, но зголемување на потрошувачката на руски гас. Но овој пад покажува дека имате можност да купите алтернативен гас. Имате терминали за ЛНГ и градите повеќе, но ние не се плашиме од оваа конкуренција“, истакна Симонов.
Тој како причина за оваа самодоверба го наведе тоа што рускиот гас е поевтин од другите конкуренти и објасни дека Турција продолжува да го користи, бидејќи Русија може да гарантира резерви за задоволување на зголемената побарувачка.
Тој, исто така, ја потврди можноста дека Турција може да добие гас од Туркменистан преку нов гасовод, бидејќи Азербејџан, Иран, Казахстан, Русија и Туркменистан постигнаа договор за правниот статус на ресурсите од Каспиското Море во месец август.
По падот на Советскиот Сојуз, касписките држави започнаа преговори за правниот статус на морето. Меѓутоа, големите поделби меѓу овие земји креираа ќор-сокак, спречувајќи ја распределбата на богатите ресурси на јаглеводород во морето.
Според договорот, површината од 15 наутички милји од брегот ќе се смета како територија на секоја соодветна земја што излегува на брегот на Каспиското Море.
Тој објасни дека Русија била ставена на тест за време на кризата помеѓу Турција и Русија во ноември 2015 година, поради соборувањето на авионот, при што Москва одлучи да не го сопира снабдувањето со гас за Анкара.
„Според мое мислење, 2015 година претставуваше сериозен тест за Гаспром (руската државна компанија за гас)“, рече тој, додавајќи дека кога „Гаспром“ не го запре снабдувањето со гас во време на влошени билатерални односи меѓу двете земји и кога „Гаспром“ се воздржа тие околности да ги искористи како политички инструмент, тогаш тие нема ниту во иднина да запрат поради која било друга причина.“
Тој нагласи дека имало сериозна дебата во Русија со голем притисок врз Путин, додавајќи дека во таа ситуација „Гаспром“ не го користел природниот гас како политички инструмент.
- Уделот на руски гас во Европа во пораст
Симонов зборуваше отворено и во однос на загриженоста дека Европа има сè поголема зависност од гасот од Русија.
„Во последните десет години ги слушам предупредувањата за зависноста на Европа од рускиот гас како опасност, опасност и само опасност“, објаснува тој, додавајќи дека оваа реторика е неоснована бидејќи нема примери што покажуваат дека Русија ја искористила оваа зависност како инструмент за политички притисок.
„Во реалноста го гледаме зголемениот удел на рускиот гас на европскиот пазар“, рече тој.
„Сѐ уште сме главен играч на европскиот пазар за гас, не само поради евтиниот гас, туку затоа што само Русија може да доставува гас во текот на студените зимски денови, кога побарувачка е најголемата.“
Симонов тврди дека ниедна друга земја не е во можност да го прави тоа, наведувајќи дека Норвешка и САД не се во можност да достават дополнителни количества гас доколку Европа тоа го побара.
„Во студените зимски денови кога температурата е пониска од предвидената, течниот природен гас нема да ве спаси“, заклучи на крајот Константин Симонов, директорoт на рускиот Национален фонд за енергетска безбедност.