Michael Gabriel Hernandez
15 Октомври 2022•Ажурирај: 18 Октомври 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Пентагон потврди дека администрацијата на Бајден преговара со компанијата „Спејс икс“ на Илон Маск за обезбедување постојан пристап до интернет за Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Можам да потврдам дека одделот е во комуникација со Спејс икс во врска со Старлинк. Во моментов нема да навлегувам во повеќе детали за овие разговори“, изјави за новинарите портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
Соопштението доаѓа откако „Си-ен-ен“ објави дека добиле писмо од шефот за продажба од „Спејс икс“ во кое тој предупредува дека компанијата повеќе нема да може да ја плаќа сметката за услугите на „Старлинк“, кои ќе чинат десетици милиони долари месечно.
„Не сме во состојба дополнително да донираме терминали на Украина или да ги финансираме постоечките терминали на неодреден временски период“, се вели во писмото.
Сателитските интернет-терминали на „Старлинк“ беа клучни за успесите на бојното поле на Украина против Русија, овозможувајќи ѝ на војската на земјата брзо да комуницира на бојното поле.
Друг документ што го добил „Си-ен-ен“ е од украинскиот генерал Валериј Залужниј, во кој тој директно апелирал до Маск за околу 8.000 терминали на „Старлинк“.
Консултант кој работи со „Старлинк“ одговори во документ адресиран до Пентагон, велејќи: „Спејс икс се соочува со ужасно тешки одлуки. Мислам дека тие немаат финансиска можност да обезбедат дополнителни терминали или услуги како што бара генералот Залужниј.“
Маск се огласи на Твитер велејќи дека откако еден украински официјален претставник му упатил пцовка, неговата компанија го следи тој пример.