Shadi Khan Saif
10 Март 2020•Ажурирај: 11 Март 2020
КАБУЛ (АА) - Американските сили во Авганистан (USFOR-A) го започнаа условното намалување на силите во Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку соопштение, портпаролот на УСФОР-А, полковник Сони Леџет, истакна дека намалувањето на трупите е во согласност со заедничката декларација на САД и Авганистан и според договорот на САД со талибанците.
Кон крајот на минатиот месец, САД и талибанците го потпишаа значајниот мировен договор, според кој е предвидена временска рамка за целосно повлекување на трупите од Авганистан.
Во заедничката декларација стои дека САД ќе го намалат бројот на трупите во Авганистан на 8.600 во рок од 135 дена, а нивното целосно повлекување треба да се случи за 14 месеци, во согласност со договорот.
„УСФОР-А ги задржува сите воени средства и овластувања за исполнување на нашите цели, вклучително и спроведување антитерористички операции против Ал-Каеда и ИСИС-К [ДЕАШ] и обезбедување поддршка на авганистанските национални одбранбени и безбедносни сили“ рече Леџет.
Талибанците и САД се согласија за намалување на насилството со цел отворање на патот за мировниот договор и за последователниот внатреавганистански дијалог, што требаше да започне на 10 март во норвешката престолнина Осло.
Леџет истакна дека талибанците во вторникот извршиле 43 напади врз авганистански воени контролни пунктови во Хелманд.
„Раководството на талибанците ѝ вети на меѓународната заедница дека тие ќе го намалат насилството, а не да ги зголемат нападите. Ги повикуваме талибанците да престанат со непотребните напади и да се држат до она за што се обврзаа. Како што покажавме, ние ќе ги браниме нашите партнери кога ќе биде потребно тоа“, рече Леџет.
„Да бидеме јасни - ние сме посветени на мирот, и сме посветени кон одбраната на нашите партнери [авганистанските сили]. Авганистанците и САД ги испочитуваа меѓусебните договори; но, талибанците се чини дека имаат намера да ја срушат оваа можност и да ја игнорираат волјата на луѓето за мир“, напиша тој на Твитер.