Safvan Allahverdi
20 Октомври 2020•Ажурирај: 21 Октомври 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Мајк Помпео, шефот на американската дипломатија, соопшти дека против 6 припадници на Руското воено разузнавање (GRU), е подигнато обвинение поради организирање кибернапади нa САД и други земји, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Помпео, цитирајќи ги информациите што американското Министерство за правда и Федералното истражно биро (ФБИ) ги имаат дадено на оваа тема, објави соопштение во кое упатува критики до Русија.
Нагласувајќи дека Руското воено разузнавање (GRU) спроведува деструктивни и дестабилизирачки активности преку кибернапади, Помпео го истакна следното: „Оваa руска воена разузнавачка единица го користи најуништувачкиот и најмалициозен софтвер што светот го видел досега.“
Забележувајќи дека САД и земјите од Европа и од Азија претрпеле загуби од милијарди долари од споменатите кибернапади, Помпео истакна дека во 2017 година ГРУ се насочило кон Украина, прдизвикувајќи сериозни нарушувања во функционирањето на инфраструктурните услуги што се од критичко значење за јавноста, вклучувајќи ги тука транспортот и здравствениот сектор.
Од друга страна, Помпео наведе дека ГРУ како цел ги зело и организациите што го истражуваат нападот со нервен гас, што во 2018 година во Велика Британија беше изведен врз рускиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка, додавајќи дека и грузиските државни институции и изборите во Франција биле цел на нападите што ги извршила оваа организација.
Помпео го кажа следното:
„Овие кибернапади се целосно непочитување на јавната безбедност и меѓународната стабилност. Русија, која себеси се претставува како пионер на стабилноста во киберпросторот, всушност е еден од најголемите уништувачи на глобалниот интернет. Ја повикуваме Русија да престане со нејзиното неодговорно однесување. Покрај тоа, ги повикуваме сите држави кои бараат стабилност во киберпросторот да ни се придружат и да ни помогнат споменатите лица да бидат изведени пред лицето на правдата.“