Selçuk Acar
02 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) – Продолжуваат протестите низ државата против декретот на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп. Со овој декрет им се забранува влез во земјата на жителите на седум држави со муслиманско мнозинство и на мигрантите, јавува Anadolu Agency (AA).
Илјадници демонстранти во Њујорк се собраа на плоштадот „Фоли“ за да протестираат против овој декрет.
Претседателката на Советот на општина Њујорк, Мелиса Марк-Виверито, заедно со другите членови на Советот го поддржаа овој митинг. Таа во својот говор на митингот истакна дека потпишаниот декрет од страна на Трамп е нелогичен и е заснован на исламофобија.
Демонстрантите протестираа со паролите: „Нема непријателство, нема страв; мигранти, добредојдовте во САД“, „НЕ за ѕидот, НЕ за забрана“, а носеа и плакати со пароли напишани на различни јазици, особено на англиски, арапски и на шпански. Најмногу внимание привлекоа плакатите со пароли како „Фашист, сепаратист, полн со омраза“ и „Изгради мост, а не ѕид“.
Марк-Виверито се сретна со муслиманските жени пред општината, по повод Светскиот ден на хиџабот. Таа во својот говор пред муслиманските жени кои носеа хиџаб со американско знаме, истакна дека муслиманските жени се во првите редови во протестите против Трамп.
И покрај студеното и ветровито време, демонстрантите во Чикаго се собраа пред зградата на Министерството за внатрешна безбедност, во центарот на градот, за да протестираат против декретот на Трамп.
Муслиманските невладини организации го поддржаа протестот организиран од страна на организацијата „Алијанса на Чикаго против расистички и политички притисок“.
Беше организиран протест против Трамп, и овој протест го предводеше Усра Куреши, Американка муслиманка, студентка на Универзитетот Конектикат.
Исто така беа организирани протести против Трамп и во градовите Портланд и во Лос Анџелес.
Говорот на Мило Јанопулос – уредник на екстремно десничарската интернет-страница „Брајтбарт“ основана од страна на главниот стратег на претседателот Трамп, Стивен Банон – кој требаше да се оддржи во кампусот „Беркли“, на Универзитетот „Калифорнија“, беше откажан поради протестите.
Околу 2.000 демонстранти кои се собраа пред салата каде што Јанопулос требаше да одржи говор, ги скршија прозорците на зградата фрлајќи гасни бомби. По судирот меѓу демонстрантите и полицијата, од администрацијата на Универзитетот соопштија дека го откажуваат говорот на Јанопулос поради безбедносни причини.
Едно лице беше застрелано, рането во инцидентот што настана за време на говорот на Јанопулос на Универзитетот „Вашингтон“ на 21 јануари.