Islam Uddin
18 Јули 2024•Ажурирај: 22 Јули 2024
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД), Јужна Кореја и Обединетите Арапски Емирати за прв пат започнаа заеднички борбени воени вежби во високотехнолошки објект за обука во Јужна Кореја, објавија денес локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Околу 3.000 војници од трите земји учествуваат во 11-дневната заедничка вежба во Корејскиот центар за борбена обука (KCTC), кој користи напредни технологии за реални теренски вежби, во планинскиот округ Инје, објави сеулски Јонхап њуз.
„Обуката е можност за унапредување на трилатералната воена размена и соработка“, рече претставник на јужнокорејската војска.
За време на вежбата мобилизирани се околу 200 парчиња борбена опрема, вклучувајќи тенкови К1Е1, оклопни возила К200 и самоодни хаубици К55А1 од јужнокорејска страна, како и американски беспилотни летала „Греј игл“, хеликоптери „Блек хаук“ и оклопни возила „Страјкер“.
Јужна Кореја, САД и Јапонија минатиот месец ја одржаа првата трилатерална воена мултидоменска вежба, која вклучуваше киберобука.
Вежбата се одвива во услови на сѐ поголемо ривалско воено дејствување на Корејскиот Полуостров, каде Сеул го зајакнува сојузот со западните сили, а Пјонгјанг со Русија.