Dilara Hamit
28 Септември 2020•Ажурирај: 29 Септември 2020
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) го разгледуваат она што може да се преземе за да запрат судирите помеѓу Ерменија и Азербејџан за окупираниот регион Нагорно Карабах, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа на новинарите им изјави дека САД имаат многу добри односи во таа област. „Ќе видиме дали ќе можеме да ги сопреме.“
Пограничните судири избувнаа вчера, откако ерменските сили изведоа напади кон азербејџанските населени места и воените позиции во регионот, кој е познат и како Нагорно Карабах.
Односите меѓу двете поранешни советски нации се тензични од 1991 година, кога ерменската Војска го окупираше Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу останатите, апелираат на итен прекин на судирите во окупираниот регион.