Esra Tekin
13 Октомври 2023•Ажурирај: 14 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската армија ги гаѓаше подрачјата што ги прогласи за безбедни за собир на цивилите, објавија медиумите и очевидците вчера, пренесува Анадолу.
Портпаролот на израелската војска, Авичај Адраи, на 8 октомври преку социјалната мрежа Х го повика населението да се евакуираат поради активностите на палестинската група Хамас во населените зони, кои, како што тврди тој, ги ставаат во тешка положба.
По бомбардирањето на Газа, некои цивили се преселиле на четири локации наведени од израелската армија, верувајќи дека ќе бидат заштитени од напади.
Тоа се центарот на градот, засолништата во Централна Газа, центарот на градот Кан Јунис и засолништата во центарот на Рафах.
Но израелската армија продолжи да ги бомбардира и овие локации.
Во неодамнешните воздушни напади беа гаѓани центарот на Газа и бегалските кампови Џабалија и Ал Шати, населбите Шеик Радван и Ал Римал, како и областа Керем Шалом.
Во настојување да го блокира протокот на меѓународна помош за Газа, израелската војска започна напади врз преминот Рафах, единствена врска на палестинската енклава со надворешниот свет, како и врз бегалскиот камп Нусејрат.
Ситуацијата ескалираше во Појасот Газа по нападите на палестинската група Хамас врз израелските градови во саботата.
Военото крило на Хамас, бригадите Ал-Касам, во саботата наутро започна сеопфатна операција наречена „Поплава Ал Акса“.
Израел возврати со масовни воздушни напади врз Газа.
Бројот на убиени Палестинци во израелското бомбардирање на Газа е 1.537 лица, додека 6.612 лица се повредени.
Најмалку 1.300 Израелци загинаа, а 3.300 се повредени во нападите од Газа.