Beyza Binnur Dönmez
13 Септември 2024•Ажурирај: 15 Септември 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денес соопшти дека првиот дел од кампањата за вакцинација против детска парализа во Газа завршил, со опфат на повеќе од 560.000 деца низ Појасот, пренесува Анадолу.
„Над 560.000 деца на возраст под десет години беа вакцинирани против детска парализа за време на првиот круг од кампањата за итна вакцинација во Газа, кој заврши вчера“, напиша Гебрејесус на X.
Тoj го изрази својот восхит за сите здравствени тимови кои ја спроведоа „комплексната операција“ и благодарност до семејствата за довербата и соработката.
„Ова е огромен успех среде трагичната секојдневна реалност на животот низ Појасот Газа“, порача тој и додаде: „Замислете што може да се постигне со прекин на огнот!“
Портпаролот на СЗО, Ричард Пиперкорн, даде детали за вториот дел од кампањата за време на вчерашната виртуелна прес-конференција истакнувајќи: „Ние ги имавме тие разговори, се разбира, со сите страни, и тие се многу добро свесни дека за четири недели, започнуваме со вториот круг.“
Пиперкорн рече дека за датумот сѐ уште не е одлучено и дека техничкиот комитет сè уште анализира, вклучително и за споменатиот ден 14 октомври.
„Ќе ги имаме и тие тековни разговори за ова прашање на одредени хуманитарни паузи. Дотогаш, сакам да изразам надеж дека тие разговори повеќе нема да ни бидат потребни“, рече тој, надевајќи се на прекин на огнот.