Ekipa
17 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
ПАРИЗ (АА) - Комитетот на министри на европскиот Совет вчера одлучи да ја исфрли Русија од најголемото регионално тело за човекови права поради сериозно кршење на човековите права, владеењето на правото и основните слободи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од ова тело е соопштено дека на вонредниот состанок, Комитетот на министри одлучил поради војната во Украина да го прекине членството на Русија, 26 години откако земјата се приклучи на Советот.
Исклучувањето од членството значи дека руските државјани повеќе не можат да му се обратат на Европскиот суд за човекови права.
Тини Кокс, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (PACE), ја поздрави оваа одлука, наведувајќи дека е неопходна поради неиспровоцираната војна на Русија против Украина.
„Тажно е што мораме да ја исфрлиме државата по 26 години членство. Но ова е потребно и мило ми е што се осмеливме на тоа“, рече тој, и додаде дека Парламентарното собрание останува на страната на жртвите во агресијата на Русија.
Ден претходно Парламентарното собрание на вонредната седница едногласно ја усвои Резолуцијата за исклучување на Русија од Советот во согласност со членот 8 од Статутот на Советот на Европа, со кој се суспендира правото на членката за застапување и членство ако сериозно ги прекрши принципите на владеењето на правото, човековите права и основните слободи.
Русија од 1996 година е членка на 47-члениот Совет на Европа, кој првенствено се занимава со почитувањето на човековите права. Поради анексијата на Крим суспендирана е во 2014 година, но членството е обновено во 2019 година.