Lokman İlhan
22 Јуни 2019•Ажурирај: 23 Јуни 2019
БОГОТА (АА) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, се состана во Каракас со високата комесарка на ОН за човекови права, Мишел Бачелет, јавува Anadolu Agency (AA).
Состанокот во претседателската палата Мирафлорес беше затворен за медиуми.
Мадуро изјави дека повикот до Бачелет го упатиле минатата година, и дека високата комесарка на ОН за човекови права се состанала со претставниците на многу институции и невладини организации во земјата.
Тој се заблагодари на Бачелет за посетата, изразувајќи надеж дека посетата значи отворање на нова страница меѓу Венецуела и Високиот комесаријат на ОН за човекови права.
Мадуро изјави дека ѝ кажал на Бачелет дека како уставен претседател на Венецуела ќе работи на тоа, секој кој ги крши човековите права во земјата, да биде изведен пред лицето на правдата.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари оваа година, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за втор мандат, по изборите кои ги бојкотираше опозицијата.
Тензиите ескалираа кога Хуан Гваидо, претседателот на Народното собрание на Венецуела, на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател.
Овој потег беше поддржан од Соединетите Американски Држави (САД) и многу европски и латиноамерикански држави. Турција, Русија, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржаа Мадуро.