ИСТАНБУЛ (АА) - Значителен дел од населението на Газа е „збришано“, изјави денес известувачката на Обединетите нации (ОН) за палестинските територии, додека блокираниот град продолжува да се соочува со интензивни израелски напади и гранатирање, јавува Анадолу.
„Тоа што се случува е дека значителен дел од палестинското население во Газа 'збришан'. Не е поинаку од она што претходно се случуваше таму, туку со зголемена жестокост“, изјави за Анадолу во видеоинтервју, Франческа Албанезе, специјална известувачка на ОН за окупираните палестински територии.
Албанезе, исто така, ја коментираше одлуката на Израел од претходно оваа недела да го прекине снабдувањето на Газа со вода, електрична енергија, храна и други основни потреби нагласувајќи дека изгладнувањето на опколеното население и лишувањето од основните работи е воено злосторство.
„Доколку тоа е намерно и, во контекст на проширен системски напад врз цивилно население, исто така, тоа претставува злосторство против човештвото“, додаде таа.
Албанезе истакна дека израелските заложници - цивили што ги држи Хамас во Газа, исто така, мора да бидат ослободени и дека нивното понатамошно заробеништво е „апсолутно неоправдано“.
„Исто така, сакам да кажам дека со бомбардирањето на Појасот Газа, Израел го загрозува и сопственото цивилно население што е заробено од Хамас во Газа“, рече таа.
- Потреба од хуманитарен коридор -
Во врска со барањата за хуманитарен коридор во Газа, таа рече дека „не постои таква дискусија“ меѓу земјите за да се воспостави таква маршрута.
„Никој не преговара активно за тоа, колку што знам. Египет досега не се согласи... Западот има огромна одговорност поради неговата безусловна поддршка за Израел“, рече Албанезе.
Нагласувајќи ја потребата од отворени хуманитарни коридори веднаш за ранетите и оние во критична состојба во Газа, таа нагласи дека во исто време Израел мора да престане да го бомбардира цивилното население.
„Прекинот на огнот, исто така, е суштински за запирање на непријателствата и обезбедувањето помош е приоритет, како и ослободувањето на заложниците и воспоставувањето заштитно присуство на окупираните палестински територии“, изјави таа.
„Фактот дека Израел неколкупати вели дека Палестинците од Газа треба да се преселат во Египет или дека Газа треба да се припои кон Египет, не ја подобрува ситуацијата бидејќи сите мислат дека ова е втор или трет случај на Израел да ги раселува Палестинците од земјата.“
- Хуманитарната ситуација во Газа -
Албанезе ја истакна преоптоварената состојба на болниците во Газа што сè уште функционираат под израелско бомбардирање, велејќи дека тие го достигнале максималниот капацитет.
„Има пациенти што делат ист кревет, пациенти што лежат на земја и немаат лекови“, рече таа.
„Во моментов не постои можност што било да влезе во Газа“‘, вели Албанезе, која рече дека енклавата е „под целосна опсада“.
Опишувајќи ја ситуацијата како катастрофална, таа рече дека има луѓе на терен во градот, кои трчаат со мртви или ранети во рацете, обидувајќи се да најдат засолниште кое во градот го нема.
За време на борбите, Албанезе рече дека секое правило на меѓународното хуманитарно право било прекршено.
Во услови на драматична ескалација на тензиите на Блискиот Исток, израелските сили започнаа непрекината и силна воена кампања против Појасот Газа како одговор на воената офанзива на палестинската група Хамас на израелските територии.
Конфликтот започна кога Хамас ја иницираше операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел, ненадеен напад од повеќе страни - лансирање ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух, за што Хамас рече дека е одмазда за рациите во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и зголеменото насилство на еврејските доселеници врз Палестинците.
Како одговор на акциите на Хамас, израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ против позиции на Хамас во Појасот Газа.
Одговорот на Израел се заостри и со прекинување на снабдувањето со вода и електрична енергија на Газа, дополнително влошувајќи ги условите за живот во областа што е под строга опсада од 2007 година.
news_share_descriptionsubscription_contact
