Ömer Erdem,Zeynep Hilal Karyağdı
13 Април 2019•Ажурирај: 14 Април 2019
КАРТУМ (АА) - Претседателот на Транзициониот воен совет во Судан, Ел Бурхан, соопшти дека е укината забраната за излегување на улица, јавува Anadolu Agency (AA).
Бурхан, во емитување во живо на државната телевизија, истакна дека е укината забраната за излегување на улица прогласена пред неколку дена.
Бурхан информираше дека е ставен крај на функциите на гувернерите на сите гувернерства во Судан.
Според него, транзициониот период ќе трае најмногу две години, период по кој администрацијата ќе се предаде на цивилната влада која ќе биде формирана од страна на народот.
Истакнувајќи дека ќе бидат судени сите лица кои се вмешани во убиството на невини лица, како и во случаите на корупција, Бурхан нагласи дека очекуваат поддршка од граѓаните, со цел животот да се врати во нормала.
Инаку, министерот за одбрана на Судан, Ахмед Авад Ибн Ауф, на 11 април во емитување во живо на државната телевизија, како претседател на Врховниот безбедносен совет соопшти дека војската ја презела контролата врз власта и дека е прогласен двегодишен транзиционен период.
Но без да поминат 24 часа откако Ибн Ауф положи заклетва како претседател на Транзициониот воен совет на Судан, соопшти дека се повлекува од оваа функција и дека на неговото место го избрал Абдел Фатах ел Бурхан.
Откако Ауф се повлече од оваа функција, Бурхан вчера положи заклетва и дојде на истата функција.