Servet Günerigök
05 Јануари 2021•Ажурирај: 06 Јануари 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, го повтори тврдењето дека претседателските избори одржани на 3 ноември биле наместени, на митингот во Џорџија ден пред вториот круг избори за претставници во Сенатот од таа сојузна држава, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нема шанси да имаме изгубено во Џорџија. Нема шанси. Тоа беа наместени избори“, им рече Трамп на приврзаниците во воведните зборови. „Имав два избора. И првите и вторите ги добив.“
И покрај победата на Џо Бајден во претседателската трка, Трамп досега одбиваше да го признае поразот и последните два месеци ги помина во оспорување на резултатот.
„Ако либералните демократи го заземат Сенатот и Белата куќа - а нема да ја преземаат оваа Бела куќа. Ќе се бориме жестоко“, рече Трамп.
Вториот круг избори за Сенатот ќе ја одредат судбината на Горниот дом на Конгресот. Има две трки: првата е меѓу републиканскиот сенатор Дејвид Пердју и неговиот демократски ривал Џон Ософ, додека втората е меѓу републиканскиот сенатор Кели Лофлер и од редот на демократите, свештеникот Рафаел Варнок.
Доколку демократите победат на изборите, ќе добијат две места во Сенатот, што може да биде предност за Бајден и демократите за усвојување на законите во новиот мандат.
Пред изборите, Трамп изврши притисок врз државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер, во телефонски разговор да „најде“ доволно гласови за да го сврти резултатот од изборите во оваа сојузна држава, што предизвика гнев кај демократите.
„Нема шанси да имаме изгубено во Џорџија. Освоивме стотици илјади гласови“, рече Трамп за време на саботниот повик и го замоли Рафенспергер да најде 11.780 гласови за да го победи неговиот демократски противкандидат Бајден.