Hajer M'tırı
24 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
ПАРИЗ (АА) - Зависи од Велика Британија дали преговорите за завршување на членството во ЕУ ќе резултираат со добар договор, без договор или без Брегзит, изјави денес Доналд Туск, отворајќи ја можноста Британија, после сѐ, да не го напушти блокот, јавува Anadolu Agency (AA).
Високи претставници на ЕУ се обратија пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур, кои дискутираа за минатонеделниот самит на ЕУ, при што истакнаа дека постои недоволен напредок во преговорите за Брегзит.
Претседателот на Европскиот совет, Туск, своето обраќање го започна со потенцирање на важноста за единство, опишувајќи го планираното заминување на Велика Британија како најтежок стрес тест на ЕУ.
„Успеавме да изградиме и одржиме единство меѓу 27-те членки. Но, пред нас е сѐ уште најтешкиот стрес тест. Ако не успееме, преговорите ќе завршат со наш пораз“, рече Туск.
„Всушност, како ќе заврши сето ова зависи од Лондон: со добар договор, без договор или без Брегзит. Но, во секое од овие сценарија ќе го заштитиме нашиот заеднички интерес само со тоа што ќе се држиме заедно“, додаде тој.
Претседателот на Европскиот совет соопшти дека во февруари следната година ќе има посебен самит на ЕУ, за да се одлучува за промените во однос на составот на Европскиот парламент по Брегзит.
Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, инсистираше на тоа дека Европската комисија не преговара со непријателско расположение.
„Ние сакаме договор. Оние кои не сакаат договор, тие немаат пријатели во Комисијата“, рече тој, продолжувајќи: „Сакаме фер договор со Британија и ќе имаме таков договор со Британија. Опцијата без договор не е наша претпоставка за работа“.
Британската премиерка, Тереза Меј, вчера пред британските пратеници изјави дека е оптимист во врска со продолжувањето на преговорите за Брегзит.
Британските гласачи одлучија да ја напуштат ЕУ на референдум одржан пред повеќе од една година, а преговорите за Брегзит се очекува да бидат финализирани во март 2019 година.