Mustafa Talha Öztürk,Bakir Tiro
20 Декември 2024•Ажурирај: 20 Декември 2024
Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на божиќно примирје во војната во Украина и размена на воени заробеници меѓу Москва и Киев, јавува Анадолу.
„Често зборуваме за европските вредности. Но, верувам дека најважната вредност што е инхерентно европска е самиот живот. Најважното нешто што можеме да го направиме е да спасиме животи. Божиќ е близу. Не гледам причина зошто барем за два или три денови за време на православниот Божиќ да не избегнеме загуба на човечки животи на првите линии“, рече Орбан на прес-конференција по состанокот на Европскиот совет во Брисел, чие видео го сподели денес на Х. „Презедов чекори во оваа насока.“
„Исто така, не гледам причина зошто инволвираните страни не можеа да се согласат да разменат неколку стотици затвореници, да речеме по 700 од секоја страна, дозволувајќи им да се вратат дома“, додаде тој.
„Ова може да изгледа незначително во споредба со геополитичките цели, но сепак, ако неколку илјади, помалку луѓе умрат за време на Божиќ и неколку стотици или илјадници татковци можат да си одат дома кај своите семејства, тоа е европска вредност“, рече Орбан, додавајќи дека тој верува дека неговиот предлог е „остварлив“.
Рускиот претседател Владимир Путин, на неговата годишна прес-конференција во Москва вчера го потврди предлогот на Орбан, велејќи дека тој е отворен за него, но дека тој предлог бил одбиен од украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Русија ја започна својата „специјална воена операција“ во Украина во февруари 2022 година.