Bayram Altuğ
08 Декември 2016•Ажурирај: 09 Декември 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Претставничката на Фондот на Обединети нации за помош на децата (УНИЦЕФ) во Сирија, Хана Сингер, изјави дека состојбата во источен Алепо достинала ниво на неиздржливост и дека градот во последните 10 дена го напуштиле 31.500 лица, од кои половината се деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Сингер истакна дека во името на УНИЦЕФ престојувала во сирискиот град Алепо, и дека состојбата во градот секој ден е сѐ потешка.
Таа изјави дека режимот на сирискиот претседател, Башар ал Асад, со помош на сојузниците, извршува напади од копно и од воздух над стотиците илјади цивили во источен Алепо.
„Последните бомбардирања во Алепо беа многу посилни во однос на претходниот период. Бомбардирањата и експлозиите беа немилосрдни и заглушувачки“, порача Сингер.
Таа нагласи дека оваа година се извршени и 84 напади на училиштата, и во тие напади загинале најмалку 69 деца, а стотици се ранети.
Претставничката на УНИЦЕФ истакна дека поради жестоките напади во источниот дел на Алепо, само во последните 10 дена од градот се иселиле 31.500 лица, а според претпоставките, околу 50 отсто од нив се деца.
Според нејзините зборови, ситуацијата со којашто е соочен сирискиот град достигна ниво на неиздржливост.
„Во источниот дел од Алепо, кој е еден од 16-те окупирани региони, заробени се половина милион мали деца во многу лоши услови за живот. Ги повикуваме сите страни во овој судир да ги спречат нападите врз цивилите, училиштата и болниците, и да престанат да ја користат окупацијата како воено средство. Сириските семејства и децата сакаат да се вратат во своите домови, да живеат во мир и да придонесат за повторната изградба на својата земја“, порача Сингер.