Ekip
19 Мај 2021•Ажурирај: 20 Мај 2021
АНКАРА
Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (UNRWA) денеска го повика Израел да овозможи навремен премин на хуманитарната помош и персоналот кој ја доставува, во окупираниот Појас Газа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од УНРВА е наведено дека не добиле одобрение за пристап во Газа за пружање помош на загрозеното население, вклучувајќи ги посебно ранливите категории како трудници, деца, лица со инвалидитет и сериозни здравствени состојби и постари лица.
Тие потсетија на големите потреби за хуманитарна помош поради израелските напади на тоа подрачје.
Телото на ОН исто така ја нагласи важноста за почитување на меѓународното хуманитарно право од страна на Израел и Палестина за да се овозможи и да се олесни брзиот и непречен премин на непристрасната хуманитарна помош на цивилното население и почитување и заштита на неговото право на основните човекови права како храна, примарна здравствена заштита и засолништа.
„Тоа не може да се чека. Секој ден без прекин на огнот е ден со повеќе изгубени животи, уништени домови и средства за живот. Тоа е неприфатливо“, изјави Тамара Алрифаи, директорката за стратешки комуникации на УНРВА во апелот за итно хуманитарно примирје.
Израел од 10 мај од воздух и копно врши напади врз Појасот Газа. И покрај реакциите од светот, Израел ги продолжи жестоките напади врз Газа во која живеат околу 2 милиони жители.
Најмалку 221 Палестинец се убиени во тие напади, вклучувајќи 63 деца и 36 жени, а 1.530 лица се ранети.