Şerife Çetin
01 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
БРИСЕЛ (АА) - Финска денес го презеде од Романија ротирачкото претседавање со Советот на Европската Унија, со кој ќе претседава во наредните шест месеци, односно до 31 декември оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Се очекува Брегзит, назначувањето шефови на истакнати институции на Унијата, како и Западниот Балкан да бидат прашања со приоритет за Финска во овој период.
Според официјалната програма, во рамки на претседавањето на Финска ќе се фокусира повеќе на безбедноста, заедничките вредности на ЕУ, владеењето на правото, конкуренцијата, одржливиот развој, борбата против климатските промени, како и зајакнувањето на лидерската улога на Унијата во глобалниот свет.
Претседавањето на Финска се совпаѓа со 20-годишнината од Хелсиншкиот самит во 1999 година, кога Турција доби статус на кандидат.
Затоа, се очекува дека ќе се актуализира „хелсиншкиот дух“ во односите меѓу Турција и ЕУ.
Постои можност во периодот на претседавањето на Финска повторно да се одржи самит меѓу Турција и ЕУ, кој последно беше организиран во периодот на претседавањето на Бугарија, во чии рамки се сретнаа претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.
На 1 јануари 2020 година претседавањето со Советот на ЕУ ќе го преземе Хрватска.