Ekipa
21 Јуни 2018•Ажурирај: 21 Јуни 2018
ЊУЈОРК (АА - Меѓународниот кривичен суд (ICC) побара апсење на суданскиот претседател Омар ал Башир, кој се товари за воени злосторства за време на судирите во Дарфур, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителката на Меѓународниот трибунал, Фату Бенсуда, во синоќешното обраќање во Советот за безбедност на ОН во Њујорк го повика највисокиот извршен орган на ОН да преземе итни чекори за апсење на суданскиот претседател.
„Поддршката на членките на Советот за безбедност ни е потребна, доколку сакаме да постигнеме правда за дарфурските жртви и да им овозможиме да градат подобра иднина“, порача Бенсуда.
Бенсуда ги обвини властите на Судан, Чад и Уганда дека не соработуваат со Меѓународниот кривичен суд. Таа го обвини и Јордан затоа што не ги испочитувал меѓународните обврски и минатата година не го уапсил Ал Башар за да му го испорача на Трибуналот за време на арапскиот самит во Аман.
Претставниците на Етиопија и Кувајт ја критикуваа обвинителката поради обвиненијата што ги упати до некои земји и порачаа дека меѓународното право не смее да се користи за политички потреби.
Од друга страна, САД и Холандија ја поддржаа обвинителката и ги повикаа сите земји да соработуваат со Трибуналот и да го уапсат Ал Башир ако стапне на нивно тло.
Ал Башир во март 2009 година во Трибуналот е обвинет за геноцид, злосторство против човештвото и воени злосторства за време на судирите во Дарфур. Тој ги негираше обвиненијата и порача дека Трибуналот не е надлежен за тој случај и дека претставува алат на колонизаторот.