АНКАРА
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, вчера на виртуелната конференција изјави дека Турција сака да ги реши сите проблеми со европските земји преку дијалог, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи на шестиот Форум за медитерански дијалог организиран од страна на италијанското Министерство за надворешни работи и Институтот за меѓународни политички студии, Чавушоглу испрати пораки за многу прашања, вклучувајќи ги односите со Европа и САД, како и кризата во Источниот Медитеран.
Нагласувајќи дека Турција е подготвена за дијалог или со Франција или со Австрија за решавање на моменталните проблеми, тој ги критикуваше неодамнешните контроверзни потези на француската Влада и австриската Влада насочени кон муслиманите.
„Некои популистички политичари се осмелуваат да го дефинираат или толкуваат исламот за нивните интереси, и ова е неприфатливо. Редефинирањето на исламот не е работа на ниту еден политичар. Тоа е многу јасно во светиот Куран“, рече Чавушоглу.
Чавушоглу, исто така, остро ја критикуваше одлуката на австриската Влада да го забрани она што го опиша како „политички ислам“, велејќи дека ваквата популистичка реторика има за цел домашна политичка потрошувачка.
„Нема политички ислам. Исламот е ислам, а исламот значи мир“, нагласи шефот на турската дипломатија.
Потсетувајќи дека на веб-страницата на „Политико Европа“ минатиот месец бил отстранет напис со критики за францускиот секуларизам, тој рече дека ова го гледа како „чист двоен стандард“.
Критикувајќи ги двојните стандарди кога станува збор за слободата на изразување и слободата на печатот во Европа, рече дека „слободата на изразување и навредувањето на верата на другите се две тотално различни работи“.
„Критиките, нападот врз божјиот пратеник, исламот, е слобода на изразување, но кога критикуваме кои било политичари во Европа, ова е неприфатливо. Кога станува збор за Европа, тие можат слободно да сторат сѐ за солидарност во ЕУ“, рече Чавушоглу.
Чавушоглу истакна дека Турција не е совршена, додавајќи: „Затоа се фокусираме на реформите, вклучувајќи ги реформите во судството и стратешкиот акциски план за човекови права.“
Тој додаде дека Турција мора да преземе некои безбедносни мерки по Гези-протестите во 2013 година, нападите од 17 до 25 декември 2013 година и обидот за пуч на 15 јули 2016 година, но дека отсега ќе продолжи да се фокусира на реформите.
„Министрите за надворешни работи на Турција и Франција ќе одржат телефонски разговор на 8 декември“, најави Чавушоглу за време на својот говор, додавајќи: „Ќе комуницираме за секое прашање, билатералните прашања, како и за другите прашања и разлики.“
„Дијалогот е најдобар начин да се разбереме“, рече тој во врска со односите на Турција со европските земји.
- Источен Медитеран -
Повторувајќи го претпочитањето на Турција за дијалог за решавање на тензиите во Источниот Медитеран, Чавушоглу повторно рече дека „врататите на Турција остануваат широко отворени за дијалог“.
„Конференција на Источниот Медитеран е шанса да се воспостави соодветно опкружување за соработка и ова е наш предлог“, рече тој.
Рече дека очекува ЕУ „да ја смени нејзината игра“.
„Заканувањето кон Турција и игнорирањето на правата на кипарските Турци нема да им служи на интересите на ниту една ЕУ, НАТО или медитеранска држава“, рече тој на конференцијата.
- Односите со САД -
Одговарајќи на прашање за некои извештаи во меѓународните медиуми, во кои се вели дека американскиот државен секретар Мајк Помпео ја критикувал Турција за купувањето руски ракетни системи С-400, Чавушоглу рече дека не може да цитира ништо од состанокот зад затворени врати.
„Ние не се согласуваме за сè. Тоа е вистина. Но, никој нема право да го доведува во прашање членството на Турција во НАТО", изјави Чавушоглу.
Говорејќи за одлуката на Турција да ги купи системите С-400 од Русија, рече дека тоа не е избор, туку неопходност.
Тој исто така нагласи дека она што треба да се доведе во прашање е и зошто сојузниците на НАТО не го продале одбранбениот систем „Патриот“ на Турција кога на Турција ѝ е најпотребен.
Чавушоглу праша зошто никој не го доведува во прашање постоењето на руските одбранбени системи во другите земји на НАТО, давајќи го примерот на Грција, која има руски ракети С-300.
Тој им се заблагодари на Шпанија и Италија за распоредувањето на батериите „Патриот“ во Турција, посочувајќи дека некои други сојузници, вклучувајќи ги Холандија, Германија и САД, ги повлекле своите батерии.