Ekipa
24 Февруари 2023•Ажурирај: 25 Февруари 2023
ИЗМИР (АА) - Шведската служба за безбедност (САПО) ја гледа Русија како најголема закана за Шведска, заедно со Кина и Иран, пренесува Анадолу.
„Руската војна против Украина, која започна на денешен ден минатата година, суштински влијаеше на Шведска“, изјави шефицата на САПО, Шарлот фон Есен.
„Тензиите меѓу Русија и западната демократија постојано се во подем, а Русија на Шведска гледа како на дел од Европа и веќе како на членка на НАТО, Русија е непредвидлива, а Москва е подготвена да преземе големи ризици“, се вели во соопштението на САПО.
Фон Есен рече дека Русија и нејзините постапки, како и останатите авторитарни држави, станале сѐ поагресивни. Таа посочи дека екстремизмот е во подем, но и уставната закана, напоменувајќи дека мисијата за заштита на националната безбедност никогаш не била поважна, но и потешка од кога било претходно.
„Се очекува зголемување на руските разузнавачки активности и руски закани за безбедноста на Шведска“, рече Фон Есен. Според неа, тоа на пример би можело да биде подготовка за изведување саботажа, ширење дезинформации или користење насилни екстремисти со цел да се дестабилизира Шведска.
Есен додаде дека заканите со напади врз Шведска се зголемиле во последниот месец, а главни причини за тоа се палењето на муслиманската света книга Куранот пред Турската амбасада во Стокхолм и кампањата на дезинформации во која се тврди дека шведската социјална служба ги одзема муслиманските деца.
Даниел Стенлинг, шеф на контраразузнавачката служба, рече дека Русија е најконкретна закана за шведската безбедност.
„Русија, исто така, спроведе опсежни разузнавачки активности кон нашата земја. Нејзе ѝ е потребна технологија за да ја врати и подобри својата воена сила“, рече Стенлинг.
Шведската служба за безбедност смета дека превирањата во надворешниот свет ги зголемиле заканите кон Шведска. Во исто време, радикализацијата на сторителите кои дејствуваат сами претставува постојана закана, а службата на различни начини се обидува да го спречи регрутирањето во терористички организации и финансирање на такви организации.