Ayhan Şimşek
11 Февруари 2022•Ажурирај: 13 Февруари 2022
БЕРЛИН
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја обнови својата молба за дипломатско решение на кризата меѓу Русија и Украина и ја предупреди Москва дека секоја натамошна агресија ќе предизвика сериозни трошоци, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шолц ги даде коментарите за време на својот говор во Сојузниот совет (Бундесрат), законодавен орган кој ги претставува федералните држави на земјата.
„Наша должност е да спречиме нова војна во Европа. Нашата јасна порака до Русија е, секоја воена агресија би имала тешки последици“, рече тој, додавајќи дека Германија и нејзините западни сојузници имаат обединет став за можните санкции.
„Но во исто време, ќе ги искористиме сите можности за продолжување на нашите [дипломатски] напори, преку билатерални разговори меѓу САД и Русија, состаноците меѓу НАТО и Советот на Русија и преку разговорите на ОБСЕ и Нормандискиот формат“, додаде тој.
Шолц рече дека следната недела ќе отпатува во Украина и Русија, како дел од дипломатските напори за изнаоѓање политичко решение за кризата.
„Сево ова би послужило за она што би сакале да го постигнеме, да обезбедиме мир во Европа, и вредно е за напор“, изјави тој.
Украина е зафатена со конфликти во нејзините источни региони од март 2014 година по руската инвазија и анексијата на Крим.
Русија неодамна собра повеќе од 100.000 војници во близина на Украина, предизвикувајќи стравувања дека Кремљ би можел да планира нова воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва негира дека се подготвува за инвазија и рече дека нејзините војници се таму за вежби.
Кремљ, исто така, објави листа на безбедносни барања од Западот, вклучително и враќање на распоредувањето војници во некои поранешни советски држави и гаранции дека Украина и Грузија нема да се приклучат на НАТО.