Gorana Jakovljevic
07 Ноември 2021•Ажурирај: 08 Ноември 2021
ЛА ПАЛМА
Додека жителите бегаат од шпанскиот остров Ла Палма, вулканот Кумбре Виеха ги привлекува туристите кои сакаат да ја видат, снимаат и фотографираат ерупцијата на вулканот што започна на 19 септември, известува Агенција Анадолија (АА).
Димот и лавата особено се интересни за туристите кои се обидуваат да снимаат со мобилните телефони, а иако експертите предупредуваат дека вулканските гасови можат да бидат штетни по здравјето, туристите не носат маски.

Научниците наведуваат дека ерупцијата на вулканот на Ла Палма влегува во фаза на „стабилност“, но и дека е прерано за да се предвиди крајот на ерупцијата.
Поради ерупцијата околу 7.500 лица од 85.000 жители на Ла Палма ги напуштија своите домови. Регионалната влада на Канарските Острови проценува дека вулканот предизвикал загуба на индустријата на банани од 100 милиони евра, а во прашање е еден од најважните стопански сектори на Ла Палма. Економијата на Ла Палма претежно зависи од туризмот и плантажите со банани. Туристичката индустрија забележува големи загуби, а аеродромот во Ла Палма е единствениот во Шпанија за кој се очекува дека ќе има пад на летовите оваа зима.
Островот Ла Палма е дел од шпанските Канарски Острови, архипелаг во Атлантскиот Океан, што се наоѓа наспроти северозападниот брег на Африка.
