Islam Uddin
09 Август 2021•Ажурирај: 11 Август 2021
АНКАРА
Јужна Кореја денес соопшти дека заедничките воени вежби со САД се чисто одбранбени, објавуваат локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ова соопштение дојде откако кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, во петокот рече дека претстојната воена вежба меѓу Јужна Кореја и САД не е „конструктивна“ и го повика Вашингтон да избегне каква било акција што би предизвикала тензија со Северот.
„Комбинираната вежба Јужна Кореја - САД е годишна вежба од одбранбен карактер и тоа е прашање за кое Јужна Кореја и САД одлучуваат на ниво на алијансата“, објави агенцијата „Јонхап“, цитирајќи ја изјавата на Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја.
На 1 август, сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јонг-ун, Ким Јо-јонг, предупреди дека заедничката воена вежба може да му наштети на неодамнешниот договор за враќање на сите линии за комуникација.
Таа рече дека нејзината влада и армија внимателно ќе следат дали јужнокорејската страна ќе организира непријателски воени вежби во август.
Јужнокорејското Министерство за надворешни работи соопшти: „Веруваме дека поголемиот дел од меѓународната заедница целосно разбира дека комбинираните вежби Јужна Кореја и САД се одбранбена и годишна вежба и затоа, не претставуваат закана за ниту една земја, вклучително и за Северна Кореја.“
Минатиот месец, двете земји ги обновија прекуграничните комуникациски линии што беа прекинати од Пјонгјанг во јуни минатата година.
Северна Кореја ја прекина комуникацијата со Јужна Кореја и исто така ја разнесе интеркорејската Канцеларија за врска на границата во јуни 2020 година.