Admir Fazlagic
12 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - По вечерашниот квалификациски натпревар од „Г" групата за Светското првенство 2018 во Русија, помеѓу репрезентациите на Македонија и Шпанија, во кој домашната репрезентација загуби со 1:2, на националната арена Филип Втори во Скопје, селекторите на двата тима одржаа прес конференција на која ги искажаа своите импресии од натпреварот, јавува Anadolu Agency (AA).
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски, изјави дека е задоволен од прикажаната игра на македонските репрезентативци во второто полувреме.
„Во првото полувреме некако премногу со преголем респект, но ако од нешто сум задоволен тоа е нашата игра во второто полувреме, затоа што мислам дека тоа беше она што го игравме во изминативе квалификации. Успеавме резултатски да го донесме до егал натпреварот до 90 минута, но за жал не успеавме да го зададеме и завршниот удар", рече Ангеловски и упати честитки до фудбалерите на Шпанија, како и за фудбалерите на Македонија за играта која ја прикажаа во вториот дел од натпреварот.
Исто така, Ангеловски се осврна и на талентираните македонски репрезентативци Елмаз и Тошевски кои прикажаа добра игра против фаворитот Шпанија.
„Што се однесува за Елиф Елмаз, Македонија добри огромен бисер. Со 17 години да направиш таков преокрет во играта, да внесеш свежина, мислам дека сите треба од него да сме задоволни, како и од десниот бег Тошевски кој дебитираше. Јас сум задоволен, против таков противник така да одиграат, мислам дека добивме двајца екстра таленти", потенцираше македонскиот селектор.
Од друга страна, шпанскиот селектор, Хулен Лопетеги истакна дека неговата екипа имала една добра колективна игра со што освоија три бода, што им била примарна цел, а рече дека е воодушевен за дебито во репрезентативниот дрес на фудбалерот на Реал Мадрид, Иско.
„Имавме одлично прво полувреме, имавме можност да постигнеме и трет гол и да ја завршиме задачата во првото полувреме. Во второто полувреме противникот играше подобро, но бидејќи ние не постигнавме трет гол тие имаа прилика резултатот да го изедначат“ истакна Лопетеги.
Инаку, националните фудбалски тимови на Македонија и Шпанија досега одиграа седум меѓусебни натпревари и во сите седум Шпанците биле подобри, вклучувајќи го и вечерашниот квалификациски дуел.