Erbil Başay
23 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
БЕРЛИН (АА) - Баерн Минхен, една од екипите во германската прва фудбалска лига (Бундеслига), соопшти дека договорот со германскиот голман Мануел Нојер, што е со важност до 2023 година, е продолжен за уште една година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на германскиот клуб се наведува дека договорот на 36-годишниот Нојер е продолжен до 30 јуни 2024 година.
Претседателот на Баерн Минхен, Херберт Хајнер, наведувајќи дека голманот Нојер го има заземено местото во историјата на Баерн Минхен, го изрази своето задоволство што најдобриот светски голман ќе биде во тимот во наредните години.
Голманот Нојер истакна дека е среќен што кариерата ќе ја продолжи во Баерн Минхен и дека ќе имаат добар тим кој ќе се бори за шампионската титула во сите натпреварувања.
„Како голман, капитен и лидер на екипата, ќе бидам важен фактор и поддржувач за да ги постигнеме нашите големи цели“, додаде Нојер.
Инаку, Нојер во Баерн Минхен започна да игра од 2011 година. Досега за баварскиот тим одигра 472 натпревари, германското првенство го освои 10 пати, Купот на Германија 5 пати, Суперкупот 6 пати и Лигата на шампионите на УЕФА 2 пати.
Меѓу другото, Нојер 109 пати играше за германската репрезентација и стана светски шампион на Светското првенство во 2014 година.