Hüseyin Burak Demirer
24 Мај 2022•Ажурирај: 27 Мај 2022
ПАРИЗ (АА) - Тенисерот број 1 на светската ранг-листа, Новак Ѓоковиќ, рече дека забраната на руските и белоруските тенисери да учествуваат на Вимблдон, третиот грен слем турнир во сезоната, е погрешна, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Потсетувајќи дека Сеанглискиот тениски клуб, што го организира Вимблдон, пред да ја донесе одлуката за забрана на руските и белоруските тенисери не се консултирал со Професионалната тениска асоцијација (АТП) или Женската тениска асоцијација (ВТА), Ѓоковиќ рече: „Тоа е чувствително, што и да одлучите, ќе биде прашање на конфликт. За жал, тоа ќе предизвика разединување наместо обединување. Затоа, мислам дека одлуката е погрешна.“
Тој наведе дека ја поддржува одлуката на АТП и ВТА оваа година да не се доделуваат ранг-бодови на Вимблдон и дека сака да игра на Вимблдон: „Вимблдон е турнирот за кој сонував уште од моето детство. Затоа, турнирот не го гледам од перспектива на поени или парични награди.“
Турнирот „Вимблдон 2022“, каде што нема да учествуваат голем број тенисери, меѓу кои и светскиот тенисер број 2 во машка конкуренција, Даниел Медведев, и седмата тенисерка во женскиот пласман, Арина Сабаленка, ќе се одржи помеѓу 27 јуни и 10 јули.