Alma Çekovic
13 Јуни 2016•Ажурирај: 14 Јуни 2016
НИЦА (АА) - Навивач на Северна Ирска почина синоќа во Ница, неколку часа по дебито на неговата репрезентација на Европското првенство протв Полска, потврди француската полиција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што јавуваат британските и француските медиуми, навивачот околу два часа по полноќ паднал од оградата на плажата „Castel Plage” покрај шеталиштето „Promenade des Anglais”.
Млад човек во раните 20-ти години, наводно, бил во алкохолизирана состојба кога паднал од осум метри висока ограда во едно од најпосетените туристички дестинации на Азурниот брег.
Службеникот на северноирската полиција, Најџел Годарт, потврди дека трагедијата е несреќен случај и дека не е поврзан со насилството на навивачите.
Северна Ирска вчера со резултат 0:1 загуби од Полска, а на натпреварот присуствуваа околу 10.000 фанови на Северна Ирска.
По немилите сцени за време на судирот помеѓу руските и англиските навивачи во Марсеј, доцна во саботата на улиците на Ница, имало судир помеѓу домашните навивачи и симпатизери на Полска и Северна Ирска.
Француските власти побараа од сите полициски служби задолжени за обезбедување на Европското првенство во Франција да ги преземат сите неопходни мерки за да се забрани продажбата и консумирањето на алкохол еден ден пред и на денот на натпреварите.