Emre Doğan
05 Септември 2018•Ажурирај: 05 Септември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - На тенискиот турнир УС Опен што се одржува во САД, во поединечна машка конкуренција, последниот шампион на турнирот, Шпанецот Рафаел Надал по победата над Австриецот Доминик Тим со 3 : 2 во сетови, избори пласман во полуфиналето на ова престижно тениско натпреварување, јавува Anadolu Agency (AA).
На деветтиот ден од натпреварувањето на Гренд слем турнирот што се одржува во американскиот град Њујорк, се одиграа дел од четвртфиналните дуели.
Светскиот тениски рекет број 1, Шпанецот Рафаел Надал, кој на трипати во својата кариера беше победник на УС Опен, во четвртфиналето на овој турнир се сретна со Австриецот Доминик Тим, кој во моментов е на 9. позиција на светската АТП-листа. Дуелот меѓу овие двајца тенисери траеше 4 часа и 49 минути, а Надал победи со резултат 3 : 2 (по сетови 0 : 6, 6 : 4, 7 : 5, 6 : 7 и 7 : 6) и избори пласман во полуфиналето на УС Опен.
Во вториот четвртфинален дуел се сретнаа треторангираниот на светската АТП-тениска листа, Аргентинецот Хуан Мартин дел Порто и Американецот Џон Изнер кој се наоѓа на единаесеттата позиција на АТП.
Во натпреварот што траеше 3 часа и 31 минута, Дел Порто го совлада Изнер со резултат 3 : 1 (по сетови 6 : 7, 6 : 3, 7 : 6 и 6 : 2) и во полуфиналето ќе игра против Надал.
- Пораз на последната шампионка на УС Опен, Слоун Стивенс
Во женска поединечна конкуренција, Американката Серена Вилијамс и Летонката Анастасија Севастова со победите над своите противнички изборија пласман во женското полуфинале на УС Опен.
Вилијамс ја победи Чехинката Каролина Плишкова со резултат 2 : 0 (по сетови 6 : 4 и 6 : 3), додека Севастова извојува победа над Американката Слоун Стивенс од 2 : 0 (по сетови 6 : 2 и 6 : 3). Победничките од овие два дуела ќе се сретнат во полуфиналето на УС Опен.