Dejan Maksimoviç
22 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
БРИСЕЛ (АА) - Раџа Наинголан, фудбалски репрезентативец на Белгија, потврди дека во текот на летото разговарал со Челзи и со клупскиот менаџер Антонио Конте за трансфер од Рома, јавува Anadolu Agency (AA).
Наинголан, кој е на подготовки за националниот тим, за белгиските медиуми изјави дека е мошне заинтересиран за Премиер лигата на Англија.
„Постојано ја гледам. Многумина од моите соиграчи од националниот тим играат таму. Тоа е најдобрата лига во светот. Треба да направиме избор во животот. Имам една добра сезона. Кога ќе дојде новиот преоден рок, повторно ќе зборуваме за мојот статус. Ова лето разговарав со Конте. Челзи беше многу заинтересиран за мене и сакаше да ме ангажира. Тоа е сѐ што можам да кажам“, вели Наинголан.
Наинголан на 17-годишна возраст од Белгија дојде во Пјаченца, каде што ја започна својата професионална кариера.
Потоа патот го одведе во Каљари, а дресот на Рома го носи од 2014 година. За „волчицата“ одигра 144 натпревари и постигна 25 гола.
Во националниот тим на Белгија досега одигра 24 натпревари, со шест постигнати гола.