Dejan Maksimovic
01 Јуни 2017•Ажурирај: 02 Јуни 2017
МАДРИД (АА) - Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо, еден од најдобрите играчи на денешницата, изрази почит за големиот ривал на теренот, Лионел Меси, и истакна дека ужива да гледа како игра напаѓачот на Барселона, јавува Anadolu Agency (AA).
Роналдо, кој на 3 јуни, со својот клуб Реал Мадрид ќе игра во финалето на Лигата на шампионите во Кардиф, против Јувентус, за аргентинските медиуми истакна дека ужива кога ги гледа големите играчи, меѓу кои и Меси. Токму Роналдо и Меси се фудбалерите кои во последните девет години ги освоија сите „Златни топки“, признание наменето за најдобриот играч на светот во текот на 365 дена.
„Сакам да ги гледам сите добри играчи, а Меси е еден од нив. И тој е играч, нели? Јас навистина уживам кога го гледам на теренот, но исто така и останатите големи фудбалери“, изјави Роналдо.
Одличниот напаѓач на Реал додаде дека има пристоен однос со Меси, иако медиумите се обидуваат да ги претстават како големи ривали.
„Кога и да се видам со Меси, имам многу добар однос со него. Не дека одиме дома да се дружиме. Тој не ми е пријател, но го сметам за другар во нашата професија, а не за ривал. Ми се допаѓа тоа, како и споредбите меѓу двајцата нас. Тоа е дел од работата и од светот на фудбалот“, заклучи Роналдо.
Оваа сезона, португалскиот репрезентативец постигна 40 гола во сите натпреварувања. Со Реал Мадрид веќе ја освои титулата шампион на Шпанија, по пет години „постење“. Во Кардиф, на 3 јуни, ќе има можност по четврти пат во својата кариера да го подигне пехарот од Лигата на шампионите.