Faruk Zorlu
19 Февруари 2023•Ажурирај: 20 Февруари 2023
АНКАРА (АА) - Најмалку 40.689 луѓе загинаа во двата разорни земјотреси што ја погодија јужна Туркије на 6 февруари, соопшти денес турската Агенција за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), јавува Анадолу.
Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени со епицентар во областа Кахраманмараш, погодија уште 10 други области - Адана, Адијаман, Дијарбакир, Хатај, Газиантеп, Малатија, Килис, Османије, Елазиг и Шанлиурфа. Од разорните земјотреси погодени се над 13 милиони луѓе.
Неколку земји во регионот, од кои најкатастрофално Сирија, исто така ги почувствуваа силните земјотреси што ја погодија Туркије за помалку од 10 часа.
„Активностите за пребарување и спасување се завршени во зоната на земјотресот, освен во Кахраманмараш и Хатај“, изјави за новинарите Јунус Сезер, челникот на АФАД.
Сезер рече дека над 20.000 лица продолжуваат да работат на терен, и додаде дека напорите за пребарување и спасување продолжуваат во скоро 40 згради.
Речиси 250.000 шатори и над 6.000 контејнери се поставени во зоната на земјотресот.
Истакнувајќи дека продолжува евакуацијата од зоната на земјотресот во другите делови на земјата, Сезер рече: „Досега се евакуирани над 460.900 луѓе.“
„Во моментов во хотели, гостински куќи и други сместувачки капацитети сместени се 318.970 лица кои се евакуирани од регионот погоден од земјотресите“, додаде тој.
Исто така, во регионот „продолжуваме со згрижувањето на над 1 милион погодени од катастрофата“, рече тој.
Истакна дека дадена е парична помош од 10.000 турски лири (531 долар) на речиси 800.000 граѓани.