АНКАРА (АА) – Генералниот директор на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), Вилијам Лејси Свинг изјави дека треба да се нагласи великодушноста на Турција затоа што прими 3 милиони бегалци: „Можеби ова е добар пример за остатокот од светот. Треба да настапиме со разбирање, и да водиме поинаква гранична политика во вакви услови, кога луѓето бегаат од судири, војни, природни катастрофи, или од што било друго“, јавува Anadolu Agency (AA).
Свинг, кој на покана на министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу престојува на Деветтата конференција на амбасадори во Турција, даде изјава за АА.
Свинг рече дека светот е во фаза на принудни миграции, кои се од размери невидени досега и додаде оти од вкупно 1 милијарда мигранти во светот, околу 65 милиони се бегалци.
Тој истакна дека ИОМ соработува со Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), за да им помогнат на мигрантите и на бегалците, како и на жртвите на трговија со луѓе.
- „Политиката на Турција за бегалците ќе биде пример за светот“ -
Свинг изјави дека учат како поефикасно и подобро можат да им помогнат на луѓето кои се во движење, и потоа ќе го развијат своето делување во таа насока. Тој истакна дека, политиката на Турција за бегалците е пример за светот.
„Турција е држава што прими најмногу бегалци. Сметам дека оваа великодушност треба да се истакне во јавноста. Во 2011 година, 4 држави, соседи на Сирија и 6 на Либија, ги држеа своите врати отворени. Според мене, ова е добар пример за остатокот од светот. Треба да настапиме со разбирање, и да водиме поинаква гранична политика во вакви услови, кога луѓето бегаат од судири, војни, природни катастрофи, или од некој друг проблем. Сѐ додека тие луѓе не се вратат во своите држави, или додека мигрантите преку програмите за сместување не одат понатаму, треба барем привремено да им обезбедиме некаква заштита. Секоја година, на само 1 процент од вкупниот број бегалци им се обезбедува сместување за понатамошно движење“, рече Свинг.
Тој нагласи дека Турција и турскиот народ великодушно примија 3 милиони бегалци и дека продолжуваат со таквата практика, и им се заблагодари на турските власти, како што рече, за олеснителните околности што им ги нудат на бегалците во однос на образование и работа.
- „Има недостаток во однос на заедничката одговорност“ -
Свинг рече дека институциите на ОН, како што се ИОМ, УНХЦР и УНИЦЕФ работат постојано за да им помогнат на бегалците, кои се во тешка ситуација. „Но, ова не е доволно, треба да направиме нешто повеќе. Според мене, за ова на светот му е потребно едно поинакво разбирање. Ова е причината зошто се водат преговори и консултации во врска со глобалните миграции и за бегалците. Затоа што, моментално има недостаток од заедничка одговорност во врска со луѓето кои се во движење“, додаде тој.
Генералниот директор на ИОМ потсети дека САД е формирана со физичка и интелектуална помош на мигрантите и рече оти ова може да се случи со многу држави на светот.
„Миграциите отсекогаш биле позитивна работа, така и ќе остане. За да се воспостави тоа, потребно е овој процес да биде управуван со потполно здрав разум, но моментално тоа не се применува“, смета Свинг.
Тој говореше и за ставовите на одделни европски држави кога станува збор за мигрантите и бегалците. Свинг смета дека постојат такви, кои наместо да им помогнат, мигрантите ги користат во политички цели, со цел да победат на избори или слично.
- „Кога умираат толкав број бегалци на нивните рути, значи дека нешто не е во ред со политиките“ -
Тој исто така, нагласи дека проблемот со бегалците е глобален проблем и додаде оти имаат проекти чијашто цел е освестување на Европа, но и на светската заедница, со цел да се искоренат предрасудите кога станува збор за мигрантите.
Свинг укажа на проектот „Јас сум мигрант“ (I am a migrant), кој е започнат на социјалните мрежи со цел да се покаже придонесот на мигрантите во заедницата.
Генералниот директор на ИОМ, исто така, говореше за смртноста на мигрантите на нивниот пат кон подобар живот.
Тој посочи на податоците на ИОМ, според коишто минатата година загинале повеќе од 5.000 бегалци обидувајќи се да дојдат до Европа преку Средоземното Море и забележа оти во последните 3 години оваа бројка изнесува над 18.000. „Ако умираат толку многу луѓе, значи дека нешто не е во ред со политиките. Треба да стимулираме политики што ќе спасуваат животи“, нагласи Свинг.
Според него, ИОМ се обидува на светот да му укаже дека миграциите не почнале вчера, а и нема да се решат утре. Тој рече дека оние што живеат во северниот дел од светот се стари, а пак оние од југот се млади и невработени, поради што како што вели тој, миграциите се неизбежни.
Тој исто така говореше и за траумите на луѓето што беа евакуирани од подрачјата на судирите, во рамките на операцијата за ослободување на ирачкиот град Мосул од терористичката организација ДЕАШ.
Организацијата во рамките на управувањето со итни случаи нуди услуги како што се транспорт, медицински средства, сместување и советување.
Свинг забележа дека покрај соработката со УНИЦЕФ, тие соработуваат и со другите организации на ОН и со меѓународни организации, кога станува збор за психичко-социјална поддршка, со цел мигрантите и жртвите на трговија со луѓе зад себе да го остават лошото искуство и да започнат нов живот.
Според податоците на ИОМ од Турција, во рамките на хуманитарните акции, организацијата досега обезбедила психичко-социјално советување за повеќе од 23 илјади лица.
Повеќе од 5 илјади лица ги користат овие услуги, а на оние на кои им е потребно, дадени им се повеќенаменски купони со цел да купат производи за да се подготват за зимскиот период.
ИОМ – Турција од 2014 година па наваму им обезбедува транспорт на сириските ученици. Минатата година, во рамките на овој проект, околу 11.000 деца ги користат услугите за транспорт. Учејќи во едно од 10-те различни училишта во градовите Адана, Батман, Хатај, Малатја и Шанлиурфа, повеќе од 9.000 деца секојдневно се превезуваат до училиштата.
Покрај ова, организацијата во март и во август минатата година вршеше привремен транспорт за околу 3.600 бегалци, за да присуствуваат на интервју за програмите за сместување.