Abidin Mutlu Bozdağ
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Аеродромот „Истанбул“ забележа најмногу летови во Европа во периодот помеѓу 28 ноември и 4 декември, јавува Агенција Анадолија (AA).
Според податоците на Европската организација за безбедност на воздушниот сообраќај (EUROCONTROL), на Аеродромот „Истанбул“ на 1 декември реализирани се 423 летови, на 2 декември 498 летови, наредниот ден 483, а на 4 декември 570 летови.
Исто така, на Аеродромот „Истанбул“ на 28 ноември реализирани се 471 лет, на 29 ноември 542, на 30 ноември 496 летови, со што овој аеродром во наведениот период забележа најголем број летови во Европа.
Аеродромот „Истанбул“ зад себе ги остави водечките европски аеродроми како „Схипхол“ во Амстердам, аеродромот во Франкфурт, Аеродромот „Хитроу“ во Лондон и Аеродромот „Шарл де Гол“ во Париз.
Во август оваа година, Аеродромот „Истанбул“ стана првиот во светот што доби меѓународен сертификат за здравствена акредитација.
Во соопштението на Управата на Аеродромот „Истанбул“ се наведува дека аеродромот добил уште еден меѓународен сертификат со кој се потврдува ефикасноста на здравствените мерки што ги презел аеродромот за пандемијата на коронавирусот. Со овој сертификат уште еднаш е потврдено дека Аеродромот „Истанбул“ спаѓа во самиот врв на аеродроми во светот што редовно ги спроведуваат најефикасните здравствени и хигиенски мерки за патниците да се чувствуваат безбедно.
Аеродромот „Истанбул“ беше свечено отворен и со првата фаза на работа започна во октомври 2018 година, а спаѓа во редот на најголемите и најважните аеродроми во светот.