Seda Sevencan
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
АНКАРА (АА) - Турција го поддржува неодамна склучениот договор за северниот ирачки регион Синџар, помеѓу централната Влада во Багдад и Регионалната курдска управа на северен Ирак, соопшти турското Министерство за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На неделната прес-конференција, портпаролката Надиде Шебнем Актот изјави дека Анкара внимателно го следи развојот на настаните по склучувањето на договорот на 9 октомври за „враќање на јавниот ред и стабилноста во Синџар“.
Ирачките безбедносни сили на 1 декември започнаа со имплементација на планот за распоредување во центарот на областа Синџар, со цел зајакнување на стабилноста и безбедноста во подрачјето и овозможување на раселените жители да се вратат во своите домови.
Договорот од Синџар, потпишан под покровителство на Обединетите нации за статусот на регионот, предвидува расчистување на терористичката организација ПКК од регионот.
Терористичката организација ПКК успеа да воспостави упориште во Синџар во 2014 година под образложението дека ќе ја заштитува заедницата на Језидите од терористите на ДЕАШ.
Околу 450.000 Језиди избегаа од Синџар откако ДЕАШ ја презеде контролата над регионот.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.