Merve Yıldızalp
20 Април 2017•Ажурирај: 21 Април 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција, по САД, е втора земја по издвојувањето за хуманитарна помош, а дека уверливо е прва по тие средства во однос на бруто националниот приход, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција, Ердоган, денес во Претседателската палата ги прими децата учесници на 39. ТРТ детски фестивал по повод 23. април и Денот на детето, а во таа пригода изјави дека приоритет е на децата да им се овозможат квалитетни и соодветни услови за живот, за тие деца кога ќе пораснат да можат понатаму да градат уште подобар свет за човекот.
„За тоа ни е потребна вашата помош, од децата. Постојано потсетувате и барате од своите родители, наставници, официјални лица и сите други повеќе да водат сметка за проблемите на децата во целиот свет. Бидете сигурни дека ќе се случи она што вие го посакувате“, изјави Ердоган.
Тој истакна дека Турција веќе со години, со посредство на јавните и невладините организации спроведува хуманитарни проекти за децата во многу земји, како и дека Турција во тоа дејствување се води според мотото дека помошта е потребна секаде каде што има луѓе и деца, без оглед на другите детерминанти.
„Турција во тоа во светот е втора, веднаш по САД, а според хуманитарните издвојувања во однос на бруто националниот приход сме први во светот. Тоа е затоа што се грижиме и понатаму ќе бидеме со сите загрозени и обесправени“, порача Ердоган.