Handan Kazancı
16 Февруари 2021•Ажурирај: 17 Февруари 2021
ТРАБЗОН (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека Турските вооружени сили ќе ја прошират операцијата против терористичката организација ПКК на подрачјата на кои и понатаму постојат интензивни закани, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во која дупка и да се скријат, ќе ги пронајдеме терористите и ќе ги уништиме таму“, порача Ердоган во обраќањето пред учесниците на Конгресот на владејачката турска Партија за правдата и развојот во Трабзон.
За време на антитерористичките операции во регионот Гара, во северниот дел на Ирак, турските сили неодамна ги пронајдоа телата на 13 турски државјани свирепо убиени од страна на терористите на ПКК.
„Се бориме против терористичката организација ПКК чие минато обилува со масакри врз недолжни цивили и чија подлост е до таа мерка што свирепо ги застрела и тие невини и невооружени лица“, изјави Ердоган.
Турските сили минатата недела ја изведоа четиридневната антитерористичка операција „Канџа-орел 2“ во пограничниот ирачки регион Гара за да ја спречат терористичката организација ПКК и другите терористички организации да ги воспостават своите позиции за извршување терористички напади во Турција.
„Гара беше исклучително важен и проблематичен регион и падна. Со божја волја, работата е завршена“, порача Ердоган.
Тој најави дека операциите во кои турските сили реализирале важни успеси наскоро ќе бидат проширени во правец на регионите во кои и понатаму постојат интензивни закани.
„За никогаш повеќе да не доживееме слични напади, остануваме на местата кои ги чуваме безбедни сè додека е потребно тоа“, рече Ердоган.
Турскиот претседател го критикуваше изостанувањето на јасна и недвосмислена поддршка за Турција и осуда на терористичкиот масакр во кој се убиени 13 турски државјани.
„Освен неколку тивки гласови, не видовме никој да се крене против убиството на 13 невини луѓе. Западу, каде си сега?“, изјави Ердоган и додаде дека на светлината на денот излегле сите оние што ПКК не ја нарекуваат терористичка организација, тероризмот и терористичките масакри не ги нарекуваат со вистинското име и што се обидуваат да ги сокријат своите валкани игри, предавнички завери и марионетите со кои се служат.
Турскиот претседател Ердоган исто така порача дека лицемерството на оние што ја поддржуваат терористичката организација ПКК предизвикува гнев кај Турција, но и ја потврдува исправноста на политиките и операцијата што таа земја ја спроведува.