Gökhan Ergöçün
06 Октомври 2026•Ажурирано: 06 Октомври 2026
Денес во Истанбул започна Светската конференција за безбедност и операции на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) 2026, собирајќи ги на едно место лидерите на глобалната авијација на тридневни разговори за безбедноста на летовите, операциите во кабината, одржувањето и управувањето со кризи, јавува Анадолу.
Турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ е домаќин на овој голем настан во оваа индустрија, чија цел е поврзување на раководителите на авиокомпаниите, регулаторните тела и оперативниот персонал кој работи на првата линија.
Ахмет Олмуштур, извршниот директор на „Туркиш ерлајнс“, претходно ги покани глобалните чинители во авијацијата во Истанбул со цел унапредување на безбедноста и оперативната извонредност преку суштински дискусии и трајни партнерства.
Тој истакна дека овој историски град ги поврзува континентите и културите, служејќи како глобален центар за поврзување и иновации во денешната авиоиндустрија.
Конференцијата опфаќа повеќе од 45 часа стручни сесии поделени во четири тематски целини, обезбедувајќи им на учесниците над 15 часа ексклузивни можности за вмрежување.
Учесниците ќе се запознаат со најновите сознанија во индустријата, ќе ги идентификуваат областите со нови ризици и ќе учествуваат во специјализирани работилници организирани од IATA и партнерите од оваа индустрија.
Претходното издание, IATA WSOC 2025, собра повеќе од 850 учесници во Ксиамен, Кина.