Behlül Çetinkaya,Enes Canlı
17 Август 2022•Ажурирај: 18 Август 2022
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, истакна дека донеле одлука да именуваат амбасадор во Тел Авив, во рамки на одлуката дипломатските односи меѓу Туркије и Израел на заемен начин повторно да се доведат на највисоко ниво, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу имаше свое обраќање на заедничката прес-конференција одржана во Анкара по средбата со Џенбек Кулубаев, министерот за надворешни работи на Киргистан.
Шефот на турската дипломатија потсети дека по формирањето на новата Влада во Израел и по избирањето на Исак Херцог за претседател на државата, започнат е процес на дијалог со Израел.
Тој нагласи дека двете земји потпишале договор за соработка во областа на авијацијата.
Како што рече Чавушоглу, во септември ќе се одржи состанокот на Мешовитата економска комисија на двете земји.
„Меѓу чекорите кои ќе ги направиме во насока на нормализирање на односите, се наоѓа и чекорот за повторно заемно именување амбасадор“, истакна тој.
Чавушоглу нагласи дека на прес-конференцијата во Анкара со израелскиот премиер и министер за надворешни работи, Јаир Лапид, најавиле дека ги започнале работите за именување на амбасадорите.
„Како резултат на овие работи, дојде и ваков позитивен чекор од израелската страна. Исто така, и ние како Туркије донесовме одлука да назначиме амбасадор во Тел Авив, Израел“, рече Чавушоглу, додавајќи дека овој процес официјално ќе започне откако до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе ја достават листата на именувани амбасадори.
Тој истакна дека именувањето амбасадори е важно за развивање на билатералните односи.
„Ќе продолжиме да ги штитиме правата на Палестина, Кудс и Газа. Важно е нашите пораки во оваа насока да бидат доставени до Тел Авив на ниво на амбасадори“, нагласи Чавушоглу.
Од друга страна, според соопштението на Кабинетот на израелскиот премиер, Лапид истакнал дека продолжувањето на односите со Туркије е важен придонес за регионалната стабилност и важна економска вест за израелските граѓани.
„Сакаме да го зајакнеме ставот на Израел во светот“, рече Лапид.
Во соопштението се вели дека Туркије и Израел донеле одлука дипломатските односи да ги доведат на највисоко ниво и заемно да именуваат амбасадори и главни конзули.
Меѓу другото, израелскиот претседател Исак Херцог преку социјалните мрежи со пофалби зборуваше за доведувањето на највисоко ниво на дипломатските односи меѓу двете земји.
Херцог нагласи дека добрососедските односи и духот на партнерството на Средниот Исток е важно за нив.
Според него, припадниците на сите религии, односно муслиманите, Евреите и христијаните, можат и треба да живеат заедно во мир.