Erdoğan Çağatay Zontur
11 Март 2020•Ажурирај: 12 Март 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека разговорите меѓу турските и руските воени официјални претставници за започнување на заеднички патроли во Идлиб, во рамките на договорот за прекин на огнот постигнат минатата недела, напредуваат, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Преговорите продолжуваат на позитивен и конструктивен начин“, изјави Акар во Анкара.
„Планираме и работиме на тоа на 15 март да започнеме заедничка патрола долж Автопатот М4, центарот на безбедносната зона од 12 километри“, додаде Акар.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот руски колега, Владимир Путин, минатата недела се согласија на нов прекин на огнот за Идлиб, што стапи на сила на 5 март.
Според договорот, сите воени активности во Идлиб треба да прекинат со воспоставувањето безбедносен коридор од 6 километри северно и јужно од клучниот Автопат М4.
Турција ја започна операцијата „Пролетен штит“ на 27 февруари, откако 36 турски војници загинаа минатиот месец во воздушен напад на режимот на Асад во сириската покраина Идлиб, и по континуираните прекршувања на претходните прекини на огнот.
Според рамките на договорот од 2018 година со Русија, турските трупи се во Идлиб за да ги заштитат цивилите од нападите на режимот и неговите сојузници.