İsmet Karakaş,Serdar Açıl
11 Март 2020•Ажурирај: 12 Март 2020
АНКАРА (АА) – Единаесет од 15 осомничени, вклучително и корисници на „БајЛок“, се приведени во рамките на истрагата за терористичката организација ФЕТО во Анкара, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Јавното обвинителство на Анкара, издадени се 15 потерници за апсење под обвиненија за „членство во вооружената терористичка организација ФЕТО“ и „повреда на Законот за спречување на финансирање тероризам“.
Во соопштението се вели дека во операцијата на Одделот за борба против тероризам во Анкара приведени се 11 осомничени, а операцијата за приведување на останатите 4 осомничени продолжува.
Наведено е дека 7 од осомничените ја користеле програмата за крипто комуникација „БајЛок“, додека еден од осомничените бил наставник, кој привремено бил отстранет од работното место.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година, во кој животот го загубија 251 лице, а скоро 2.200 беа повредени.
Припадниците на терористичката организација ФЕТО, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО во турското правосудство со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат голем број високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвав обид за соборување на избраната власт, односно обид за државен удар што го изведоа припадници кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата за терористичката организација ФЕТО покажа дека станува збор за глобална мрежа којашто не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални лица.