Servet Günerigök,Serkan Kaya
17 Септември 2023•Ажурирај: 18 Септември 2023
ВАШИНГТОН (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа пристигна во Њујорк за да присуствува на состаноците на високо ниво на 78. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), јавува Анадолу.
Турскиот претседател беше пречекан на Меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“ од претставникот на Туркије во ОН, Седат Онал, амбасадорот во САД Хасан Мурат Мерџан и генералниот конзул во Њујорк Рејхан Озгур.
Во придружба на Ердоган во Њујорк, меѓу останатите, допатуваа и првата дама Емине Ердоган, министерот за надворешни работи Хакан Фидан, министерот за финансии Мехмет Шимшек, министерот за енергетика Алпаслан Бајрактар, министерот за трговија Омер Болат и шефот на Националната разузнавачка служба Ибрахим Калин.
Ердоган треба да се обрати на заседавањето на ОН во вторник.
За време на својот говор се очекува да ги истакне чекорите што Туркије ги има преземено, од развојот до хуманитарната помош, како и нејзиниот придонес за одржување на меѓународниот мир и безбедност, истовремено воспоставувајќи ја глобалната солидарност.
„Ние, исто така, ќе ја истакнеме клучната улога што ја игра Туркије кон актуелните глобални предизвици“, им рече Ердоган на новинарите пред да замине од Истанбул.
Тој ќе има средби и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и неговите колеги на маргините на Генералното собрание.
Ердоган ќе оствари средба и со членовите на Турско-американската заедница, како и со претставници на истражувачки организации и американски бизнис лидери.
Овогодишната дебата се очекува да собере на едно место над 150 шефови на држави и влади.
Предвидените активности на Ердоган продолжуваат до среда.