Beyza Binnur Dönmez
08 Ноември 2021•Ажурирај: 09 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати честитки по повод Денот на победата на Азербејџан и првата годишнина од ослободувањето на клучниот град во регионот Нагорно Карабах, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Искрено го честитам Денот на победата на Азербејџан и овој славен ден кој е гласник на ослободувањето на територијата на Карабах“, напиша претседателот Реџеп Таип Ердоган на Твитер.
Тој исто така ги спомена „хероите кои бестрашно се бореа“ за својата земја и кои ги изгубија животите во војната, како и храбрите ветерани.
Ослободувањето на Шуша минатиот 8 ноември играше клучна улога во судбината на Втората војна за Карабах, позната и како Патриотска војна, во која Азербејџан ослободи околу 300 населби од ерменската окупација.
Турскиот заменик-претседател Фуат Октај исто така сподели порака на Твитер по повод одбележувањето на денот.
Октај во пораката напиша дека Азербејџан „на денешен ден пред една година ја круниса својата епска борба од 44 дена со победа“ и им посака вечен мир на оние што ги загубија своите животи во борбите. Неговиот твит имаше хаштаг „Една нација, две држави“, мислејќи на Турција и Азербејџан.
На 3 декември 2020 година, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, потпиша декрет за прогласување на 8 ноември за Ден на победата.
Шуша, азербејџанскиот културен и историски град, беше ослободен минатата есен по 28 години под ерменска окупација.
Во текот на 44-дневните судири, што завршија со примирје со посредство на Русија во ноември, Азербејџан ослободи неколку стратешки градови и околу 300 населби и села од речиси тридецениската ерменска окупација.
Односите помеѓу поранешните советски републики Азербејџан и Ерменија се напнати од 1991 година, кога ерменската Војска го окупира Карабах, исто познат како Нагорно Карабах, територија признаена како дел од Азербејџан, и седум соседни региони.
Формиран е турско-руски центар за мониторинг на примирјето.