Bestami Bodruk
31 Август 2021•Ажурирај: 01 Септември 2021
ДИЈАРБАКИР (АА) - Мистериозен метален монолит што на почетокот на оваа година се појави во турската област Шанлиурфа, за кој подоцна беше откриено дека е дел од откривањето на Националната вселенска програма на земјата, се појави повторно, но овој пат во подрачјето на Дијарбакир, југоисточна Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
На металната плоча има зборови врежани со ѓоктурско писмо, старо-турско писмо, што значат „Погледни го небото, види ја Месечината“.
Монолитот, кој е поставен во близина на Зерзеванскиот замок за промоција на настанот што се одржува во септември во Дијарбакир, наиде на изненадување од локалното население.
Меѓународниот настан за набљудувањето на небото на Дијарбакир во 2021 година ќе се одржи на 2-4 септември во замокот Зерзеван, стар 3.000 години, што се наоѓа на привремената листа за светско наследство на УНЕСКО.
Монолитот, кој се смета за симболичен одраз на визијата на Турција за вселената, ќе остане во регионот за време на настанот.
Настанот за набљудување на небото, што се организира од Националната опсерваторија ТУБИТАК (TUG) во јужната област Анталија веќе 22 години, оваа година ќе биде одржан во Дијарбакир.
На настанот ќе присуствуваат професионални и аматерски астрономи и ќе се соберат повеќе од илјада ентузијасти за астрономија од Турција и од целиот свет.
За време на настанот ќе се одржат многу семинари, натпревари и работилници поврзани со астрономијата, како дел од Националната вселенска програма на Турција, насочена кон зголемување на интересот на младите за вселената.
- Монолитот прво беше пронајден во Ѓобеклитепе -
Металниот столб што е долг три метри, беше пронајден на 5 февруари среде празно поле во Ѓобеклитепе, домот на најстариот храм во светот, во турската област Шанлиурфа.
Многу љубопитни луѓе го посетија местото за да го видат металниот столб и се прашуваа за неговото значење.
Монолитот го привлече вниманието на меѓународните медиуми пред да исчезне утрото на 9 февруари, како дел од планираниот публицитет за новата вселенска програма на Турција.
На 9 февруари, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган откри дека мистериозниот монолит е дел од промовирањето на турската Национална вселенска програма.