Mümin Altaş
24 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го прими престолонаследникот на Абу Даби, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, кој допатува во официјална посета во Анкара, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган го прими Ал Нахјан со најголема државна почест во Претседателската палата во Анкара.
По средбата на двајцата лидери е најавена и средба на билатералните делегации, како и церемонија на потпишување низа договори.
Од Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател е соопштено дека Ердоган и Ал Нахјан ќе разговараат за билатералните врски на Турција и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и начините на јакнење на соработката и заедничкото дејствување на различни полиња.
Теми на разговорот ќе бидат сите регионални и меѓународни прашања и случувања кои се однесуваат на двете земји.
Посетата следуваше по телефонскиот разговор во кој на 31 август Ердоган и Ал Нахјан разговараа за билатералните односи и регионални прашања.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во септември изјави дека во последно време во односите на Турција и Емиратите преовладувала позитивна атмосфера.
На приемот присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, турскиот министер за животна средина, урбанистичко планирање и климатски промени, Мурат Курум, министерот за енергија и природни ресурси, Фатих Донмез, министерот за финансии и трезор, Љутфи Елван, министерот за одбрана, Хулуси Акар, министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, министерот за трговија, Мехмет Мус, министерот за транспорт и инфраструктура, Адил Караисмаиоглу, шефот на Дирекцијата за административни прашања, Метин Киратли, портпаролот Ибрахим Калин, директорот на Централната банка на Турција, Сахап Кавџиоглу и други официјални лица.