Ekipa
05 Април 2021•Ажурирај: 06 Април 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Неколку земји и регионални тела вчера издадоа соопштенија и пораки за поддршка до Јордан и неговиот крал во врска со мерките за заштита на безбедноста и стабилноста на земјата по наводниот заговор за државен удар претходниот ден, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претходно во текот на вчерашниот ден, јорданскиот министер за надворешни работи, Ајман ал-Сафади, рече дека поранешниот престолонаследник Хамза бин ал-Хусеин е вмешан во „обидите за дестабилизација на безбедноста на земјата“ со странски страни.
Јорданските безбедносни власти уапсија десетици луѓе, вклучително и поранешни функционери за нивната вмешаност во, како што велат странските медиуми, „наводниот заговор за соборување на кралот“.
Турското Министерство за надворешни работи во соопштение изрази силна поддршка за кралот Абдула Втори и јорданската Влада, како и за безбедноста и просперитетот на јорданскиот народ.
Оман потврди дека ги поддржува Јордан и кралот Абдула, како и мерките преземени за осигурување на безбедноста на Јордан.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) изразија поддршка за „мерките на кралот Абдула за одржување на безбедноста и стабилноста во регионот“.
Либанскиот претседател Мишел Аун објави дека неговата земја е покрај јорданскиот крал и народот, пред она што ја дестабилизира безбедноста на Јордан.
Во телефонски разговор со кралот Абдула, кралот на Мароко, Мохамед Шести, изрази солидарност и целосна поддршка на безбедносните мерки преземени од јорданските власти.
Министерството за надворешни работи на Тунис преку соопштение изрази апсолутна поддршка за одлуките и мерките на јорданското раководство за заштита на безбедноста на земјата.
„Раководството во Судан со голема загриженост ги следеше неодамнешните случувања во Хашемитското Кралство Јордан и потврдува дека Судан целосно го поддржува Неговото височество Абдула Втори и јорданскиот народ“, се вели во соопштението на суданскиот министер за надворешни работи.
Во Либија, Претседателскиот совет изрази солидарност со Јордан и ги потврди „силните и цврсти врски меѓу двете земји“.
Министерството за надворешни работи на Мавританија исто така изрази поддршка на Јордан и потврди дека „стабилноста на Јордан е една од главните заштитни мерки за стабилноста на регионот“.
Премиерот на Регионалната курдска управа на северен Ирак, Масрур Барзани, испрати писмо со поддршка и солидарност до кралот Абдула Втори во врска со неговите неодамнешни мерки за заштита на безбедноста и стабилноста на неговата земја.
Палестинската група на отпорот Хамас изрази солидарност со Јордан „во однос на неодамнешните мерки што ги презеде кралот Абдула Втори за да ја заштити безбедноста на својата земја“.
Доцна во саботата и вчера по развојот на настаните за безбедноста во Јордан, земјите како Саудиска Арабија, Египет, Кувајт, Бахреин, Катар, Јемен, Ирак, Палестина и САД, како и Советот за заливска соработка и Организацијата за исламска соработка изразија солидарност со Јордан и поддршка за преземените мерки за осигурување на безбедноста.
Во саботата, принцот Хамза бин Хусеин, полубрат на кралот Абдула, и поранешниот шеф на јорданскиот кралски двор, Басем Ибрахим Авадалах, беа меѓу дваесетината лица, наводно, приведени со образложение дека „претставуваат закана за стабилноста на Јордан“.
Во изјавата, јорданскиот претседател на Генералштабот, генерал-мајор Јусеф Хунеити, негираше дека принцот Хамза е приведен или е во домашен притвор, но потврди дека од него било побарано да престане со активностите што ги имаат за цел безбедноста и стабилноста на Јордан.